Ливерпул го сака Баркола, но не сака да плати колку за Исак

Ливерпул сака дополнително да го засили својот тим со ангажман на Бредли Баркола од ПСЖ, но за да го реализира овој трансфер ќе мора да го собори клупскиот рекорд по висина на обесштетување, нешто што засега не е подготвен да го направи.

Дваесет и тригодишниот француски репрезентативец наводно им порачал на челниците на ПСЖ дека нема намера да го продолжи договорот и дека е заинтересиран за нов предизвик во друга средина.

Сепак, преговорите нема да бидат лесни. Баркола има важечки договор со парискиот клуб уште две години, а ПСЖ за неговите услуги бара дури 165 милиони евра.

Раководството на Ливерпул ќе се обиде преку преговори да ја намали оваа сума, но англиските медиуми тврдат дека шансите за значително пониска цена се мали.

Воедно, челниците на „црвените“ не сакаат да го надминат клупскиот трансфер-рекорд поставен минатата сезона, кога за Александер Исак од Њукасл платија 145 милиони евра, па ќе се обидат да го „омекнат“ ставот на ПСЖ.

Баркола минатата сезона не беше стандарден првотимец во составот на парискиот гигант, но сепак постигна 11 голови на 29 натпревари во француското првенство. Останува да се види дали во наредните недели двете страни ќе најдат заеднички јазик и дали францускиот репрезентативец ќе го облече дресот на Ливерпул.