Кузмановски: Со Червар, Пелистер ќе биде различен тим од лани и во напад и во одбрана
Репрезентативниот бек го продолжи договорот и повторно ќе работи со Лино Червар кај кого пред повеќе од една деценија дебитираше во сениорска конкуренција, тогаш во тимот на Металург. На почетокот на подготовките за новата сезона, Кузмановски откри што го натерало да го продолжи договорот и да ја задржи капитенската лента во Пелистер и покрај понудите од странство.
„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб и во мојот град, меѓу нашите омилени навивачи. Мислам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата, иако претходните години имавме некои забележителни резултати. Имаме многу нови играчи, со кои ќе мора да се воиграме, а и тие ќе треба да се адаптираат. Со доаѓањето на Лино Червар, мислам дека сите ќе имаат мотив повеќе и често ќе ја радуваме битолската публика, која секогаш ни дава максимална поддршка.
Секој играч ќе биде максимално мотивиран. Червар ќе бара максимална посветеност и борба за секоја топка. Ќе бидеме различен тим од лани, се надевам дека ќе бидеме одлични и во напад и во одбрана. Жалам за некои играчи што заминаа летово, со нив бевме заедно неколку години и создадовме една прекрасна атмосфера во тимот. Спортот е таков, ќе ни останат убавите работи во сеќавање. Сега вртиме нов лист, ќе мораме да создадеме нов успешен колектив. Овој дрес тежи и создава притисок, но се надевам дека тоа ќе го преточиме во позитивна смисла. Лигата станува многу посилна, има неколку екипи што се борат за шампионскиот трофеј, па затоа ќе мораме до крај да се бориме на секој меч“, изјави Кузмановски.
Минатата сезона Пелистер ја заврши без трофеј, по три години во Лигата на шампионите сега ќе игра во Европската лига и повторно има амбиции да дојде до титулата во домашното првенство.