Пукна „петарда“ во Кавадарци: Тиквеш на стартот го растури Арсими (ВИДЕО)

Новата сезона во Првата македонска фудбалска лига почна со убедлива победа на Тиквеш пред своите навивачи.

Кавадарчани го совладаа Арсими со 5-1, но многу поважно од головите, покажаа одлична игра и најавија борба за висок пласман оваа сезона. Особено фантастични беа во првото полувреме во кое постигнаа четири од петте гола.

Тивко беше само во воведните 17 минути од натпреварот, а потоа почна гол-шоуто во кое главни протагонисти беа Нигериецот, Лавал и Гвинеецот, Сила. Во следните 22 минути двајцата фудбалери постигнаа по два гола, а поради погодокот на Рамадани за Арсими, резултатот на полувреме беше 4-1. Предноста на домаќините можеше да биде уште поубедлива бидејќи Тиквеш создаде уште неколку шанси кои не ги искористи.

Вториот дел беше далеку понеактивен на двете страни. Конечниот резултат го постави Сила во 58. минута, комплетирајќи го својот хет-трик.

Програмата во првото коло ПМФЛ продолжува утре со два меча, Струга го пречекува дебитантот Шкендија Арачиново, а Вардар игра со Брегалница.