Шкендија со две големи засилувања патува по добар резултат во Љубљана!

Екипата на Шкендија вечерва ќе му гостува на словенечки Браво (20 часот) во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига, против кого ќе настапат засилени со двајцата македонски репрезентативци - Марко Ѓорѓиевски и Јован Манев.

Тие навреме беа регистрирани за европските натпревари и ќе му бидат на располагање на тренерот Артим Положани, кој доби поголем избор во пресрет на важниот европски предизвик. Шкендија со многу самодоверба влегува во овој двомеч, откако во првото квалификациско коло убедливо ја елиминираше Европа од Гибралтар (6-0). Сепак, словенечкиот претставник ќе биде далеку потежок тест, особено ако се знае дека новата сезона во домашното првенство ја отвори со победа на гостувањето кај актуелниот шампион Олимпија Љубљана (2-0).

Тренерот Артим Положани потенцира дека неговиот тим детално го анализирал противникот и дека само максимално сериозен пристап може да донесе поволен резултат пред реваншот во Тетово.

„Нè очекува исклучително важен натпревар. Колку повеќе рунди минуваш во европските купови, толку потешки стануваат предизвиците. Мора да бидеме максимално подготвени од првата до последната минута. Потребно е да одиграме квалитетно и на технички и на тактички план, затоа што само така можеме да го задржиме континуитетот. Браво е квалитетен тим, добро го анализиравме и ќе се обидеме да одговориме на вистински начин, со надеж дека ќе стигнеме до позитивен резултат“, изјави Положани.

Тетовци ќе се обидат да остварат активен резултат во Љубљана и со добра залиха да го дочекаат реваншот, во кој ќе го бараат пласманот во третото квалификациско коло од Конференциската лига.