Емотивно: Словенецот Винчиќ почна да плаче кога дозна дека ќе го суди финалето (ВИДЕО)

Словенечкиот судија Славко Винчиќ не успеа да ги задржи солзите кога дозна дека му е доверена најголемата чест во светскиот фудбал – да го суди финалето на СП 2026 помеѓу Аргентина и Шпанија.

Веста лично му ја соопштил претседателот на Судиската комисија на ФИФА, легендарниот Пјерлуиџи Колина, а реакцијата на 46-годишниот арбитар била исклучително емотивна. Според ФИФА, Винчиќ најпрво останал во шок, а потоа се расплакал од среќа.

„Кога ми кажаа дека сум избран, прво бев во шок, а потоа пресреќен. Почнав да се тресам. Да се суди финале на Светско првенство е неверојатна чест“, изјави емотивниот Винчиќ.

За словенечкиот арбитар ова претставува исполнување на животниот сон, бидејќи ќе стане првиот судија од Словенија што ќе дели правда во финале на Светско првенство, како и 23. арбитар во историјата кому му припаднала оваа привилегија.

„Ова е сон за секој судија. Неизмерно сум горд на себе, на мојот тим и што можам да ја претставувам Словенија на најголемиот спортски настан во светот“, додаде Винчиќ.

Покрај него, во финалето ќе бидат и неговите долгогодишни соработници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ како помошни судии, додека четврти арбитар ќе биде Јорданецот Адам Махадмех.

Винчиќ веќе има богато искуство на најголемата сцена – го судеше финалето на Лигата на шампионите во 2024 година меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, како и финалето на Лига Европа во 2022 година. На актуелниот Мундијал ова ќе му биде четврти натпревар, но убедливо најважниот во неговата кариера. Финалето меѓу Аргентина и Шпанија ќе се одигра в недела на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.