Ако ги поминат следните пречки, Вардар и Шкендија ќе бидат носители во третото коло
Скопскиот тим оди во т.н. шампионска патека каде во второто квалификациско коло ќе се сретне со летонскиот првак Рига, додека тетовци за противник го добија третопласираниот тим од минатата сезона во словенечкото првенство Браво. Интересно е тоа што двата македонски претставници ќе бидат носители во третото коло ако успеат да ја поминат втората пречка.
За Вардар тоа би значело дека може да добие исклучително поволна ждрепка затоа што најсилен тим кој може да му падне е унгарскиот Ѓер, а останатите можни ривали се од Андора, Сан Марино, Црна Гора, Луксембург. За Шкендија не важи тоа бидејќи вицешампионот има поголем список ривали од кои дел со долг стаж и забележителни резултати на европска сцена, како Хајдук, ЦСКА Софија, Пјуник, Австрија Виена, Хибернијан, Сент Гален, Нефчи... Сепак и во оваа конкуренција има тимови со кои Шкендија може да брка добар резултат, како добро познатиот Шелбурн, Тобол, ХБ, Дунајска Стреда, Илвес итн.
Ждрепката за третото квалификациско коло од Конференциската лига ќе се одржи в понеделник од 14 часот. Натпреварите од второто, пак, се играат во периодот од 22 до 30 јули.