ФИФА дополнително го американизира финалето на СП – измисли шампионски прстени!
Како што соопшти Светската фудбалска федерација, по неделното финале меѓу Аргентина и Шпанија на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, новиот светски првак ќе биде награден и со специјално изработени прстени, со што ФИФА воведува традиција препознатлива за професионалниот спорт во САД. Ќе бидат изработени вкупно 2.026 нумерирани примероци, симболично според годината во која се одржува шампионатот. Од нив, 30 прстени ќе им припаднат на членовите на шампионската репрезентација, додека останатите 1.996 ќе бидат пуштени во продажба како официјален лиценциран сувенир за навивачите.
На едната страна од прстенот ќе биде прикажан трофејот на Светското првенство, додека другата ќе биде дизајнирана според визуелниот идентитет на новиот светски шампион. Секој прстен ќе има уникатен сериски број, ќе биде изработен по мерка за својот сопственик и ќе биде испорачан со сертификат за автентичност. Веднаш по завршувањето на финалето, капитенот и селекторот на победничката селекција ќе добијат привремени примероци, а потоа сите 30 прстени ќе бидат персонализирани за секој член на тимот.
Шампионските прстени со децении се еден од најпрепознатливите симболи на успех во американските професионални лиги како НБА, НФЛ, МЛБ и НХЛ, а со нивното воведување ФИФА уште еднаш стави јасен американски печат на Светското првенство, чии домаќини се САД, Канада и Мексико.