Тиквеш против тим од Луксембург во Европа, вардарки добија ривал од Италија!
Кавадаречкиот состав имаше статус на неносител, но избегна дел од најсилните можни ривали и доби противник против кој ќе може да бара пласман во следната фаза. Првиот натпревар ќе се одигра во Кавадарци на 12 или 13 септември, додека реваншот во Луксембург е закажан за 19 или 20 септември. Во второто коло од машкиот Европски куп ќе се приклучат Охрид, Алкалоид и Бутел. Охриѓани и Алкалоид се последните два освојувачи на натпреварувањето, додека Бутел ќе има статус на неносител при извлекувањето.
Познат е и првиот европски противник на ракометарките на ЖРК Вардар. Скопскиот тим во второто коло од женскиот Европски куп на ЕХФ ќе се соочи со италијански Бриксен Судтирол. Вардар беше носител во ждрепката и реваншот ќе го одигра на домашен терен. Првата средба е закажана во Италија на 3 или 4 октомври, а возвратниот натпревар во Скопје ќе се игра на 10 или 11 октомври. Во женското натпреварување ќе настапи и Чаир, кој поради повисокиот коефициент е ослободен од второто коло и директно ќе се приклучи во третата рунда.
Македонскиот женски шампион Ѓорче Петров, пак го доби противникот во квалификациите за Европската лига на ЕХФ и тоа чешкиот Баник Мост. Ѓорчепетровки имаа статус на носителки во квалификациската рунда (официјално втора квалификациска фаза), а ждрепката им донесе противник против кого ќе се обидат да обезбедат пласман во следната рунда. Првиот натпревар ќе се одигра на 3 или 4 октомври во Чешка, додека реваншот е закажан за 10 или 11 октомври во Скопје. Победникот од двомечот ќе обезбеди место во последната квалификациска рунда, по која ќе бидат познати сите учесници во групната фаза на Европската лига на ЕХФ.