Почина човекот кој 22 години беше на чело на Челси!

Поранешниот сопственик и претседател на Челси, Кен Бејтс, почина утрово во Монако на 94-годишна возраст.

Веста ја потврди и Челси изразувајќи сочувство до неговите најблиски.

„Со голема тага ја соопштуваме веста за смртта на Кен Бејтс, поранешен сопственик и претседател на Челси. Клубот упатува искрено сочувство до неговата сопруга Сузана, семејството и пријателите. Неговата решителност да се бори за Челси во тешките периоди и лидерството со кое клубот стигна до освојување трофеи никогаш нема да бидат заборавени“, се наведува во соопштението.

Бејтс беше трет најдолговечен претседател во историјата на Челси, функција што ја извршуваше 22 години, во еден од најважните периоди за клубот.

Во јавноста беше познат како харизматична, директна и контроверзна личност, чии потези и ставови честопати предизвикуваа поделени реакции, дури и меѓу навивачите. Сепак, едно од неговите најголеми достигнувања беше тоа што го обезбеди опстанокот на „Стемфорд Бриџ“ како дом на Челси.

За време на неговото раководење, „сините“ најпрво се вратија во англиската елита, а потоа освоија два трофеи во ФА Купот, по една титула во Купот на победниците на куповите, Лига купот, Суперкупот на УЕФА и Комјунити Шилд.