Норвешки навивач стана хит на СП: Одбивам да веслам – тоа е глупаво и неточно!

Еден од илјадниците норвешки навивачи на СП 2026 стана вирален хит, откако јавно одби да учествува во една од најпрепознатливите навивачки традиции на својата репрезентација.

Емил Лапен привлече внимание бидејќи по натпреварите остануваше единствениот навивач кој не учествуваше во популарното „веслање“ – синхронизирана кореографија во која норвешките навивачи ги имитираат движењата на веслање на викиншки брод. Неговото однесување не остана незабележано ниту од телевизиските коментатори, по што беше поканет во емисија за да објасни зошто упорно одбива да се приклучи на останатите.

„Пред сè, мислам дека тоа е многу глупаво и иритантно. Копира многу работи од Исланѓаните и нивниот 'Тандерклап', а историски е целосно неточно“, изјави Лапен.

Тој објасни дека најмногу му пречи погрешната претстава за Викинзите.

„Викинзите не веслале преку Атлантикот, туку пловеле. Во песната што беше објавена кога почна оваа традиција се пееше дека ќе 'веслаат преку Атлантикот' и токму тоа најмногу ме нервира. Да, Викинзите веслале по реки и во одредени ситуации, но преку Атлантикот пловеле со помош на едра и ветер“, додаде тој.

И покрај тоа што огромното мнозинство норвешки навивачи со воодушевување ја прифатија оваа кореографија, Лапен вели дека нема намера да го промени ставот.

„Фудбалерите може да победуваат колку сакаат и да прават што сакаат, но јас нема да веслам – тоа е глупаво и историски неточно“, порача низ насмевка.

Норвешка е едно од најпријатните изненадувања на Светското првенство. Предводена од Ерлинг Халанд, скандинавската селекција во осминафиналето го елиминираше Бразил, а вечерва од 23 часот против Англија ќе се бори за историски пласман во полуфиналето.