Ѓоковиќ: Моите најблиски ми прават притисок – како да не им се доволни 24 гренслема!

Новак Ѓоковиќ по елиминацијата од Јаник Синер во полуфиналето на Вимблдон искрено проговори за притисокот што го чувствува поради постојаните прашања за неговата 25. гренслем титула.

Српскиот тенисер последниот гренслем трофеј го освои на УС Опен во 2023 година. Оваа сезона стигна до финалето на Австралија опен, а на Вимблдон беше запрен во полуфиналето од актуелниот шампион Синер. Иако јавноста смета дека освојувањето на 25. гренслем титула е неговата најголема цел, Ѓоковиќ призна дека постојаното инсистирање на таа тема почнало да му пречи.

„Тоа не е мојата крајна цел. Многу луѓе ми создаваат притисок – и од најблиското опкружување, но и медиумите. Секако дека ја сакам 25. титула, но тоа не е единствената цел. Почна малку да ме нервира. Да ги ставиме работите во перспектива. Како самиот да не си сум доволен, како 24 гренслем титули да не се доволни, туку мора да бидат 25. Како 400 недели на првото место да не се доволни, туку треба да бидат 1.000“, изјави Ѓоковиќ.

Тој смета дека премалку се зборува за сè што веќе постигнал во кариерата.

„Треба да бидеме благодарни. Навистина ми здодеа приказната за тоа кога ќе дојде 25. титула. Можеби никогаш нема ни да дојде. Не би рекол дека тоа ми е крајната цел, туку сакам секогаш да бидам најдобро подготвен и во врвна форма за гренслем турнирите“, додаде српскиот ас.

Ѓоковиќ призна дека во кариерата можел да освои и повеќе гренслем титули, но и дека имало финалиња во кои лесно можел да остане без трофеј.

„Можев да освојам уште пет гренслем титули во натпревари што ги имав во свои раце, но исто така можев да загубам и некои финалиња што на крајот ги добив. Не знам уште колку ќе трае сето ова. Би сакал луѓето да го почитуваат мојот избор и да не ме оптоваруваат со прашања за пензијата и за 25. титула, туку едноставно да ги почитуваат моите одлуки“, порача Ѓоковиќ.

ФОТО: X / @DjokerNole