Уште една драма на СП 2026 - „виси“ одигрувањето на најочекуваното четврт-финале!
Според Националната метеоролошка служба на САД, за областа на Јужна Флорида е издадено предупредување за опасно високи температури, а британскиот „Сан“ објави дека постои можност натпреварот на стадионот „Хард Рок“ во Мајами да биде одложен. Метеоролозите предупредуваат дека чувството на температура во текот на денот може да достигне дури 43 степени, а дополнителен проблем претставува и огромниот облак од прашина од Сахара што преку Атлантикот пристигна над Флорида.
Иако најголемиот дел од прашината се наоѓа на височина од околу 1,5 километар, експертите предупредуваат дека таа може да предизвика алергиски реакции и сериозни проблеми кај лицата со респираторни заболувања. Прогнозите најавуваат дека по екстремно жешката сабота ќе следуваат силни грмежи и невреме, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу одигрувањето на натпреварот.
Според правилникот на ФИФА, доколку биде регистриран удар од гром во радиус од 13 километри од стадионот, натпреварот мора веднаш да биде прекинат или одложен од безбедносни причини. Вакви ситуации веќе се случија на овој Мундијал. Осминафиналниот дуел меѓу Англија и Мексико започна со едночасовно задоцнување поради грмежи, додека натпреварот Франција – Ирак беше прекинат на полувремето и продолжен дури два часа подоцна.
Дури и ако натпреварот почне според предвидениот распоред, лекарите предупредуваат дека комбинацијата од екстремна жештина и висока влажност може да предизвика топлотен удар и други здравствени проблеми кај играчите и навивачите. Додека Англичаните веќе неколку недели се привикнуваат на американските климатски услови, за Норвежаните жештините и сахарската прашина претставуваат уште поголем предизвик во пресрет на еден од најважните натпревари во нивната историја.