Халанд направи бум: Дресовите на Норвешка тотално распродадени – низ цела Европа!
Норвешкиот фудбалски сојуз призна дека сериозно ја потценил побарувачката, која драматично се зголемила по одличните игри на репрезентацијата и сензационалната победа над Бразил. Главна причина за огромниот интерес е и популарноста на Ерлинг Халанд, поради што секоја нова испорака на дресови исчезнува за само неколку часа.
Во Осло беа забележани несекојдневни сцени. Пред продавницата „Торшов Спорт“ се формира ред долг околу 600 метри, а дел од најверните навивачи кампувале и по 12 часа за да бидат меѓу првите што ќе успеат да купат дрес.
„Работам тука многу години, но никогаш не сум доживеал ваква атмосфера. Ова е навистина неверојатно“, изјави менаџерот на продавницата Андерс Лилеберг.
Комерцијалниот директор на Норвешкиот фудбалски сојуз, Рунар Пар Андресен, откри дека интересот е далеку над сите очекувања.
„Побарувачката е многу поголема од сите наши прогнози. Оваа година трговците нарачаа околу 250.000 дресови, додека во истиот период лани бројката беше околу 50.000. Никогаш досега не сме оствариле поголема заработка од продажба на дресови“, изјави Андресен.
Од „Најк“ порачаа дека се свесни за разочарувањето кај навивачите и дека во наредните денови ќе пристигнат нови количини, но признаа дека производството не може значително да се зголеми во текот на Светското првенство. Поради недостигот, многу навивачи се принудени да купуваат преку препродавачи. Дрес кој официјално чинеше околу 85 евра сега на интернет достигнува цена и до 450 евра, додека гостинската верзија се продава за повеќе од 250 евра.
Норвешка ќе се соочи со Англија во четвртфиналето на Мундијалот во меч закажан за утре (сабота) на стадионот „Хард Рок“ во Мајами.
ФОТО: X / @Erling