Македонија оди на победа во Луксембург за перфектни претквалификации

Македонската кошаркарска репрезентација денеска со почеток во 16 часот во Луксембург ќе го одигра завршниот натпревар од првата рунда претквалификации за пласман на Евробаскетот во 2029 година.

Оваа средба нема никакво резултатско влијание врз табелата, со оглед на тоа што нашите кошаркари уште во четвртокот пред домашната публика го запечатија првото место во групата и патувањето во наредната квалификациска фаза. И покрај тоа што националниот тим ќе се појави во делумно освежен и изменет состав, целта останува триумф со кој на најдобар начин би се заокружил овој претквалификациски циклус.

Предводникот од клупата, Жосеп Марија Берокал, за ова гостување нема да може да смета на лидерот Андреј Јакимовски, како и на младиот Марко Луканоски кој има обврски со У20 селекцијата. Промена има и на позицијата на странец, каде наместо Ди Џеј Стјуарт, шанса ќе добие Нејт Сестина. Американскиот кошаркар, кој зад себе има евролигашко искуство, се очекува да биде главна алка во офанзивата благодарение на неговиот одличен шут и професионализам.

Домаќинот Луксембург се наоѓа во незавидна позиција со три последователни порази и теоретски шанси да продолжи понатаму како најдобра второпласирана екипа во претквалификациите. По солидниот почеток, тие забележаа три тесни неуспеси (со девет, шест и два поени разлика), со што ја загубија трката за врвот, а тешко дека ќе можат да им парираат на Норвешка или Бугарија во поглед на кош-разликата меѓу второпласираните селекции.

Сепак, Луксембуржаните ќе настапат во комплетен состав и мотивирано ќе бркаат победа за престиж и зачувување на теоријата, пред денешниот подоцнежен дуел меѓу Бугарија и Норвешка.

Мечот ќе се одигра во спортскиот комплекс „Кок“, во арена која собира околу 2.000 гледачи, а правдата ќе ја делат судиите Петер Зенис (Словачка), Диого Мартинс (Португалија) и Матео Лукоти (Италија).