Неверојатна приказна: Продавал дресови за болниот син, бил напаѓач, а сега ја урна Германија

Орландо Хил е човекот кој на Парагвај му донесе голема радост, односно во големата драма и пенали против Германија успеа да стане национален херој.

Сепак, зад фудбалските терени се крие неверојатна животна приказна за борбата, сиромаштијата и жртвата која ги надминува границите на спортот. Патот на овој човек до врвот воопшто не бил лесен, а тоа го потврдува и неговата приказна.

Само неколку години пред да стане херој на Парагвај, Хил ја водел најтешката битка во својот живот, и тоа далеку од фудбалските терени. По раѓањето на синот Лаутаро Даниел, кој имал сериозни здравствени проблеми, семејството стигнало до раб на егзистенција.

Сметките за лекување почнале да растат, а основните трошоци за живот станале голем товар. Тој морал да продава сè што има за да го спаси семејството. Копачки, маички, тренерки, дресови и сè останато за да обезбеди пари за синот.

„Кога се роди Лаути, немавме ништо. Орландо се откажа од стариот клуб. Нашиот син се бореше за живот, но неговиот татко беше секогаш тука. Се надевам дека цел свет ќе дознае дека имаш големо срце“, вели неговата сопруга Мелиса.

Неговиот фудбалски пат почнал во Сан Лоренцо, но Хил тогаш бил напаѓач, а не голман. Бил највисок во тимот, а еден од тренерите му поставил ултиматум - да стане голман или да заврши на клупа. Токму таа одлука му го променила животот, но и кариерата.

По почетокот во клубовит Клуб 13 де Хунио и Сан Лоренцо, на крајот на 2023 година следел клучниот чекор - позајмица во аргентинскиот гигант Сан Лоренцо де Алмагро. Иако бил дел од резервниот тим, сепак со својата работа се изборил за прв голман во 2025 година и потпишал двегодишен договор.

Врвот на кариерата го достигнува на Мундијалот, односно на дуелот против Германија. Најпрво поради прекршок врз него на Германија ѝ беше поништен гол, а тој се покажа како клучен за Парагвај да избори пенали, а потоа Хил блесна на голот.

Во пенал-серијата веднаш му одбрани пенал на Каи Хаверц, а потоа му го запре ударот и на Антон Валдемар.

Фото: Selección Paraguaya de Fútbol