Анализа на Њујорк тајмс: БиХ ја испишува најубавата приказна на Мундијалот!

Угледниот „Њујорк тајмс“, преку својата спортска платформа „Атлетик“, објави голема анализа за селекцијата на Босна и Херцеговина пред осминафиналниот дуел со САД на СП 2026, испраќајќи јасна порака до американската репрезентација – „змејовите“ се тим што никој не смее да го потцени.

Босанците можеби немаат најсилен состав на Мундијалот, но ја имаат една од најотпорните селекции на турнирот. Американскиот медиум потсетува дека избраниците на Сергеј Барбарез до нокаут-фазата стигнаа како една од најдобрите третопласирани репрезентации, по ремито со Канада, тешкиот пораз од Швајцарија и убедливата победа над Катар (3-1). Во анализата посебно се нагласува патот по кој БиХ изборила пласман на Светското првенство. Се истакнува дека „змејовите“ во баражот покажале извонредна ментална сила, враќајќи се од резултатска негатива против Велс и Италија, изборувајќи продолженија, а потоа славејќи по пенали.

„Отпорноста на оваа репрезентација го отсликува и идентитетот на државата. БиХ мораше да води бројни битки за да биде меѓународно признаена, а настапот на СП претставува многу повеќе од спортски успех“, пишува „Атлетик“.

Посебно место во текстот добива капитенот Един Џеко, кого Американците го нарекуваат симбол на БиХ. Потсетуваат дека како дете го преживеал војувањето во Сараево, дека одбил можност да настапува за други репрезентации и дека речиси две децении е заштитно лице на „змејовите“. Покрај Џеко, издвоен е и Есмир Бајрактаревиќ, фудбалер роден во американската сојузна држава Висконсин, чии родители се од Сребреница. Тој претходно настапил за селекцијата на САД на пријателски натпревар, но потоа решил да го облече дресот на босанската репрезентација. Во текстот се споменува и младиот Керим Алајбеговиќ, претставен како еден од најголемите таленти на босанскиот фудбал и играч кој ја симболизира иднината на репрезентацијата.

Американската анализа не застанува само на играчите. Големо внимание добиваат и навивачите на Босна и Херцеговина, кои создадоа препознатлива атмосфера на трибините во САД. Како неофицијална химна на „змејовите“ на овој Мундијал се издвојува песната „I am from Bosnia, take me to America“, инспирирана од хитот на „Дубиоза колектив“, која стана симбол на заедништвото и еуфоријата меѓу босанските навивачи. Кога станува збор за стилот на игра, се наведува дека Барбарез преферира дисциплинирана формација 4-4-2, со брзи крилни играчи и директни напади, што би можело да претставува сериозен предизвик за селекцијата на САД.

На крајот, американскиот медиум заклучува дека Босна и Херцеговина можеби нема најширок играчки кадар меѓу репрезентациите што останаа на турнирот, но поседува нешто што е подеднакво вредно.

„Босна и Херцеговина не е најсилната репрезентација на првенството, но е една од најотпорните. Покажа дека знае да издржи притисок, да игра до последната минута и никогаш да не се предава. Велс и Италија веќе ги предупредија САД каков противник ги очекува“, наведува „Атлетик“.

Од приказната за капитенот кој е симбол на својата држава, преку генерацијата млади таленти, па сè до навивачите кои ги освоија трибините во САД, репрезентацијата на БиХ денес не е само учесник на Светското првенство. Таа стана една од најубавите и најинспиративните приказни на Мундијалот, поентираат Американците.