Бразилците во транс: Анчелоти потврди - Нејмар се враќа
Откако рутински ја оправда својата улога на фаворити и го декласира Хаити со 3-0, уште една, веројатно најважна вест од почетокот на турнирот пристигна во таборот на петкратниот светски шампион - Нејмар е подготвен да се врати на теренот.
Најголемата ѕвезда успешно го мина процесот на закрепнување, поради што ги пропушти првите два натпревара од првенството против Мароко (1-1) и Хаити. Добрата вест за нацијата ја потврди лично селекторот на Бразил, Карло Анчелоти кој прецизно го изложи планот неговиот најдобар играч да се врати на тренинзите.
„Нејмар ќе го направи својот последен самостоен тренинг в сабота и в недела ќе влезе во целосен процес на работа со тимот и ќе биде во конкуренција за натпреварот од третото коло против Шкотска“, рече италијанскиот стручњак на клупата на Бразил.
Враќањето на легендарниот ас доаѓа во идеален момент за „Селесао“, бидејќи победата над Хаити донесе и сериозен кадровски проблем. Во тој натпревар, крилниот напаѓач Рафиња се повреди, а медицинскиот тим и тренерскиот штаб сè уште со нетрпение ги чекаат конечните резултати од прегледот за да дознаат колку долго играчот ќе мора да мирува. Во таква ситуација, присуството на Нејмар на теренот ќе биде непроценливо.
Нејмар е надвор од терените од 17 мај, кога го одигра својот последен официјален натпревар за неговиот роден клуб Сантос во победата над Коритиба. Потоа доживеа непријатна повреда на листот, па процесот на закрепнување и постепено враќање во форма траеше малку повеќе од еден месец.
Сепак, медицинскиот тим на Бразил успеа да ја добие трката со времето, па првата ѕвезда на тимот ќе добие можност да го фати многу потребниот натпреварувачки ритам пред елиминациските натпревари во одлучувачкиот натпревар против тешките Шкоти.