Вардар во Норчија ќе игра и со европскиот ривал од минатата година

Фудбалерите на Вардар продолжуваат со подготовките во Норчија, а до враќањето во Скопје ги очекуваат уште четири контролни натпревари.

Македонскиот шампион досега одигра два пријателски меча и во двата славеше победа. Следен предизвик за „црвено-црните“ ќе биде селекцијата на Умбрија на 23 јуни, по што на 25 јуни ќе се соочат со Норчија Калчо. Подготовките ќе продолжат со дуел против Ла Фиорита на 27 јуни, додека генералната проверка пред европските настапи е закажана за 30 јуни против Виртус.

Од преостанатите ривали, најголемо внимание привлекува Ла Фиорита, екипа со која Вардар се сретна и минатото лето во првото квалификациско коло од Конференциската лига. Тогаш скопскиот состав најпрво ремизираше со 2-2 на гостински терен, а потоа на домашен терен обезбеди убедлива победа од 3-0 и пласман понатаму.