Роналдињо се враќа, ќе игра фудбал во Италија!

Легендарниот Роналдињо се враќа на фудбалските терени и тоа во италијанската трета лига.

На 46-годишна возраст, бразилскиот фудбалски виртуоз ќе потпише договор со Равена и неговото претставување е веќе закажано за в понеделник кога ќе се појави пред навивачите. 

Иако е малку веројатно дека ќе добие значителна минутажа на теренот и можеби ќе настапи само симболично, неговото доаѓање претставува огромен маркетиншки и медиумски потег за амбициозниот проект на Игнацио Чипријани.

Покрај играчката улога, Роналдињо ќе инвестира и во развојот на клубот. Раководството на Равена веќе подготви и специјален детал во новиот дрес во чест на Бразилецот. Во дизајнот ќе биде вметната буквата „Р“ од Равена, која ќе се спои со препознатливото „Р10“ на Роналдињо.

„Нови бои, иста насмевка. Едвај чекам повторно да танцувам со топката и да испишеме нова, прекрасна приказна со Игнацио Чипријани и неговото семејство. Фудбалот отсекогаш бил среќа за мене и среќен сум што ќе го донесам тој дух во Равена. Нека почне магијата“, порача Роналдињо.