Над 2,5 милиони евра исчезнале од ФФМ, во времето кога Илчо Ѓорѓиоски бил претседател!
Меѓудругото од ФФМ информираа дека се работи за штета која изнесува повеќе од 2,5 милиони евра, направена во периодот додека Ѓорѓиоски ја водел федерацијата.
„Во врска со предметот кој Фудбалската федерација на Македонија го пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во 2019 година, информираме дека по поднесената пријава беше спроведена истрага од страна на Управата за финансиска полиција, по што во 2020 година беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.
Според документацијата доставена до надлежните институции, вкупната штета нанесена на Фудбалската федерација на Македонија за периодот од јануари 2015 година до крајот на 2019 година изнесува повеќе од 2,5 милиони евра.
Во изминатиот период ФФМ немаше повратни информации за текот на постапката и евентуалното постапување по предметот. На крајот на 2025 година од Федерацијата беше побарана дополнителна документација, која во целост беше доставена до надлежното обвинителство на почетокот на 2026 година. Истовремено, со официјален допис повторно беше укажано на висината на утврдената штета и беа доставени дополнителни релевантни информации.
Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи целосно да соработува со сите надлежни државни институции во постапките поврзани со евентуални незаконитости и заштита на интересите на Федерацијата“, соопштија од ФФМ.
Во голема полициска акција, Илчо Ѓорѓиоски денеска беше уапсен, приведени се и уште десетина други луѓе.