Англичаните бесни поради цените на пивото на стадионите во САД: Живи ќе нè одерат!

Селекцијата на Англија го победи Нов Зеланд (1-0) во синоќешниот подготвителен натпревар за СП 2026, но по мечот најмногу се зборуваше за цените на пијалаците на стадионот во Тампа.

Навивачите на двете селекции останаа шокирани од сумите што требаше да ги издвојат за едно обично освежување, а дури и Англичаните, кои важат за навикнати на скапи спортски настани, не го криеја незадоволството. Најголемо изненадување предизвикала цената на големото пиво, кое чинело дури 18 долари. Безалкохолното пиво се продавало за 10 долари, додека домашното пиво достигнувало цена од речиси 17 долари.

Ниту љубителите на безалкохолните пијалаци не поминале подобро. Шише вода чинело 7,5 долари, а енергетски пијалак речиси девет долари. Уште подлабоко во џебот морале да посегнат љубителите на коктели. За „премиум“ варијанта било потребно да се издвојат 26,5 долари, додека обичната верзија чинела околу 20 долари.

Фотографијата од ценовникот брзо се прошири на социјалните мрежи, каде што навивачите коментираат дека ова е само најава за тоа што ги очекува на СП во САД, каде што многумина стравуваат дека трошоците за храна и пијалаци ќе бидат уште поголем удар врз буџетот.

ФОТО: X / @FBAwayDays