Влаховиќ не прифатил плата како на Јилдиз, заминува од Јувентус

Душан Влаховиќ дефинитивно ќе го напушти Јувентус по истекот на договорот ова лето, објавија италијанските медиуми.

Денеска во тренинг-центарот во Торино се одржа состанок меѓу Влаховиќ и раководството на Јувентус и договор за продолжување на соработката не се постигнал, а нов состанок нема да има. 

Со тоа, српскиот напаѓач по четири години ќе го напушти Јувентус и како слободен играч ќе го избере новиот клуб. 

Главниот проблем во преговорите биле финансиите. Влаховиќ оваа сезона заработуваше 12 милиони евра, а Јувентус му нудел продолжување под значително послаби услови. Понудата на „старата дама“ била српскиот напаѓач да се израмни со Кенан Јилдиз на плата од седум милиони евра.

Влаховиќ во Јувентус пристигна во зимата 2022 година, одигра 168 натпревари, постигна 68 голови и запиша 16 асистенции.