Ферари го продолжи договорот со Шарл Леклер, ама - не кажа до кога!

Еден од најдобрите возачи во Формула 1, Шарл Леклер и официјално ја продолжи соработката со тимот на Ферари, со што стави крај на сите шпекулации околу неговата иднина.

Возачот од Монако е дел од славниот италијански тим од 2019 година, а во болидот на Ферари досега настапи на 155 трки и оствари осум победи. Од тимот не открија колку ќе трае новиот договор, но Леклер не ја криеше среќата по продолжувањето на соработката.

„Заедно поминавме неверојатни моменти, но и тешки периоди. Верувам во овој тим повеќе од кога било и исклучително сум благодарен што ќе продолжиме заедно да се бориме за нашата заедничка цел – враќање на шампионската титула во Маранело“, изјави Леклер.

Тој потенцираше дека да се биде возач на Ферари е исполнување на детскиот сон, но и огромна одговорност.

„Никогаш не ја земам здраво за готово можноста да го претставувам Ферари. Ќе продолжам да давам сè од себе за тимот повторно да биде таму каде што припаѓа – на самиот врв“, порача 28-годишниот ас.

Леклер моментно се наоѓа на третото место во генералниот пласман кај возачите во актуелната сезона на Формула 1. Следниот предизвик во шампионатот е трката за Големата награда на Монако, која ќе се вози на 7 јуни.