Mурињо: Имајте трпение, не сакам сезоната да ја почнам суспендиран

По ремито против Брага 2-2 една од главните теми на прес-конференцијата очекувано беше иднината на Жозе Мурињо, сепак Португалецот им порача на новинарите да имаат уште малку трпение. 

Мурињо порача дека не сака да зборува за иднината додека сезоната сè уште трае.

„Последната недела е од првенството не е момент за размислување за иднината и договорите“, изјави Мурињо.

„Од моментот кога влеговме во завршницата на сезоната, одлучив дека не сакам никого да слушам и дека ќе бидам целосно фокусиран на мојата работа. Пред нас е натпреварот против Есторил, а од понеделник ќе можам да одговорам каква ќе биде мојата иднина како тренер“, додаде трофејниот тренер.

Шпанските медиуми во изминатите денови интензивно го поврзуваат Мурињо со Реал Мадрид и според добар дел од нив работата е речиси завршена.

„И тука ќе застанам, бидејќи не сакам следната сезона да ја почнам суспендиран. Остана уште само еден натпревар, уште осум дена, имајте трпение“, порача Мурињо.

За многумина тоа што Мурињо не демантира е знак дека навистина се преговара за негово враќање во Мадрид.

Фото: Sport Lisboa e Benfica