ГРК Охрид продолжува да се засилува – го потпиша капитенот на Партизан!

Српскиот репрезентативец, Никола Зечевиќ, е најновото засилување на ГРК Охрид за следната сезона, откако потпиша договор со клубот со важност најмалку до 2028 година.

Тој настапува на позицијата лев бек, има 24 години и е висок 200 сантиметри, а од следната сезона ќе го носи дресот со број 31. Тој во Охрид пристигнува од Партизан, актуелниот шампион на Србија, каде имаше значајна улога во двата правци на играта и ја носеше капитенската лента.

Благодарение на добрите настапи, Зечевиќ се избори и за место меѓу репрезентативците на Србија, за која веќе има неколку официјални настапи. Тој потенцира дека амбициите на клубот биле пресудни за неговата одлука.

„Многу сум среќен и со нетрпение го очекувам мојот прв настап во дресот на Охрид. Не ми беше тешко да ја донесам оваа одлука и да ставам потпис со клубот, со оглед на големите амбиции на клубот кој расте од ден на ден на чело со тренерот Ројевиќ, кого го познавам долги години. Едвај чекам да заиграм пред охридската публика која прави неверојатна атмосфера и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата на сите луѓе во клубот и секако на навивачите и убеден сум дека заедно ќе ги исполниме зацртаните цели“, изјави Зечевиќ.