Важен ден за Работнички, пораз во Струмица ќе значи - Втора лига!

Брера го пречекува Работнички во многу важен натпревар за опстанок во Првата лига, овој дуел е особено значаен за гостите кои денска може да станат второлигаш.

Работнички има седум бода заостанување зад Брера и Пелистер, а до крајот на сезоната има уште три натпревари. Со победа денеска ќе ја задржи надежта за опстанок, а со пораз и теоретски ќе испадне.

„Целта се трите бода. Немаме право на грешка, фокусирани сме да победиме. На минатите два натпревари испуштивме многу значајни бодови и сега немаме друга алтернатива. Брера исто така е во загрозена зона, се работи за млад и квалитетен состав, но ние само со триумф ќе продолжиме да се надеваме дека можеме да обезбедиме опстанок“, изјави капитенот Бесир Демири пред денешниот дуел во Струмица.

Брера исто така води битка за опстанок, тие се на место кое носи бараж, но сакаат да го избегнат и тоа.

„Подготвени сме за ново надигрување. Ќе биде ова уште еден мошне тежок натпревар, затоа што и на Работнички трите бода многу му значат“, е пораката која доаѓа од АП Брера.

Важен меч за опстанок има и Македонија Ѓорче Петров која го пречекува Тиквеш. Ѓорчепетровци имаат само бод повеќе од Работнички, па и тие се во ептен незавидна позиција.

Третиот деншен натпревар е дуелот меѓу Арсими и Башкими, двете екипи кои се наоѓаат над зоната за баражите, но уште го немаат заверено прволигашкиот статус за наредната сезона.

Сите три натпревар почнуваат од 16 часот.