Меси за Нејмар: Тешко ми е да бидам објективен

Лионел Меси веќе размислува за претстојното Светско првенство, а една од главните теми пред турнирот е неговиот долгогодишен пријател и ривал Нејмар. Аргентинецот зборуваше за можноста бразилската ѕвезда да го пропушти Мундијалот.

Во гостување во емисијата „Ло дел Пољо“, Меси порача дека се надева на настап Нејмар на најголемата фудбалска сцена.

„Тешко ми е да бидам објективен, тој е мој пријател. Секако дека би сакал да биде таму и да му се случуваат убави работи, затоа што го заслужува тоа“, изјави Меси.

Тој нагласи и колку е важно на Светското првенство да настапуваат најдобрите фудбалери, особено играчите кои можат со еден потег да го сменат текот на натпреварот.

„На Светско првенство секогаш сакате да ги гледате најдобрите фудбалери, а Нејмар, сѐ додека игра, секогаш ќе биде еден од нив“, додаде аргентинскиот ас.

Настапот на Меси на Светското првенство каде што Аргентина треба да ја брани титулата не е официјално потврден, меѓутоа доколку нема големи изненадувања, тој ќе биде во составот.