Тензија во соблекувалната на Реал, шест фудбалери му го свртеле грбот на Арбелоа!

„Марка“ пишува дека Алваро Арбелоа комплетно ги загубил конците во соблекувалната и состојбата во Реал Мадрид е ужасна, повеќе фудбалери не сакаат да зборуваат со него.

Мадридскиот весник во денешното издание пишува за лошата ситуација во Реал Мадрид кој завршува втора сезона по ред без освоен трофеј.

„Шест играчи одбиваат да разговараат со Арбелоа. Нема контакт меѓу нив и тренерот“, објавува шпанскиот весник.

Не се наведуваат имиња на играчите, но веќе е познато дека едниот од нив е Себаљос за кој претходно се пишуваше дека го замолил Арбелоа веќе да не зборува со него.

Има и нетрпение меѓу самите фудбалери кои наводно биле поделени во кланови, некои не зборуваат меѓусебе.

Оваа сезона се смета за завршена за Реал Мадрид, нема што да се освои до крајот, само треба рутински да се доигра. Поради тоа Флорентино Перез веќе ги прави плановите за наредната.

Тоа што му се случи на Алонсо, сега му се случува на Арбелоа, двајцата млади тренери не успеаа да ја контролираат соблекувалната. 

Поучен од овие примери, Перез сака следниот тренер да биде искусен, со авторитет, човек кој ќе има влијание врз сите играчи на Реал Мадрид.