Американските хотели го обвинија Инфантино дека лаже: Тоа никогаш нема да се случи!
Пет недели пред почетокот на Светското првенство, тие тврдат дека резервациите во дел од градовите-домаќини се на вообичаено ниво или дури и пониски. „Форбс“ пренесе истражување според кое многу хотелиери Мундијалот го опишуваат како „настан без вистински ефект“.
Американското здружение за хотели и сместување спровело анкета според која речиси 80% од хотелите во 11 градови-домаќини на Светското првенство наведуваат дека резервациите се под прогнозите. Само една четвртина од анкетираните пријавиле значителен пораст на резервации, а тие главно се од делови на пазарот со зголемен летен туризам или во градови кои ќе бидат базни кампови на репрезентациите.
Слични резултати покажало и истражувањето на „Оксфорд Економик“, каде се наведува дека иако одредени градови ќе забележат раст на БДП во секторите за забава и угостителство, тоа „нема да има значително влијание“ врз вкупната вработеност и приходите во 2026 година.
Јасно е дека одредени придобивки и приходи ќе има, но според актуелните процени тие нема да бидат ни блиску до она што Инфантино го најави кога рече дека интересот за 104 натпревари од Мундијалот ќе биде како за 104 Супербоули.
„Таа изјава ниту била вистинита кога била кажана, ниту ќе се оствари“, изјави за „Форбс“ Јан Фрајтаг, директор на националниот центар за анализа на хотелскиот пазар.
ФИФА, врз основа на сопствени анализи, најави приход за економијата од 30,5 милијарди долари. Истражувањето делумно се базирало на проценка дека на Мундијалот ќе пристигнат милиони странски туристи. Но анкетите покажуваат дека седум од десет испитаници од странство имаат проблем со комплицираниот визен систем или геополитички прашања. Дополнителен проблем во проценките е и фактот што не е целосно земен предвид бројот на градови во кои ќе се игра Мундијалот.
Фото: FIFA/X