Руни ги критикуваше фудбалерите на Арсенал: Сѐ уште ништо не освоиле!

Една од најголемите легенди на англискиот фудбал, Вејн Руни, го предупреди Арсенал дека прерано почнал со славје по пласманот во финалето од Лигата на шампионите, откако вчера вечер го елиминираше Атлетико Мадрид.

„Топчиите“ го обезбедија местото во финалето благодарение на погодокот на Букајо Сака кон крајот на првото полувреме. Неговиот гол беше доволен за минимална победа од 1-0 во реваншот и вкупни 2-1 по двомечот.

Со тоа, лондонскиот клуб се пласираше во своето второ финале во Лигата на шампионите и прво по пауза од 20 години, кога беа поразени од Барселона.

Иако Руни, кој денес работи како стручен коментатор, а во минатото ја има освоено Лигата на шампионите, призна дека Арсенал има целосно право да ужива во успехот, сепак испрати и предупредување до тимот на Микел Артета дека вистинската работа допрва следува.

„Прославата е малку претерана. Сѐ уште немаат ништо освоено“, изјави Руни.

Изненаден од начинот на славење беше и поранешниот фудбалер на Арсенал, Тео Волкот, но тој сепак покажа разбирање за атмосферата.

„Неверојатни сцени. Никогаш не сум го видел „Емирати“ ваков. Таа е врската со навивачите за која зборуваме... Некои од нив дури не ни биле родени кога последен пат клубот играл финале. Сега сите се прашуваат дали можат чекор понатаму. Можеби токму оваа екипа е таа што ќе успее“, порача Волкот.

Фото: dcunited.com