Македонија без шестмина репрезентативци ги почнува подготовките за Европската лига 2026

Селекторот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски закажа старт на подготовките за учество во Европската лига 2026, а на утрешниот собир нема да се појават шест репрезентативци.

На првиот собир нема да бидат присутни Владо Милев, Александар Љафтов, Никола Ѓоргиев, Филип Маџунков, Филип Савовски и Стојче Арсов.

Ѓоргиев, Љафтов и Савовски имаат обврски со своите екипи каде што играат финале на плејофот. Милев, кој го освои бронзениот медал со Казинбарчика, доби неколку слободни денови за одмор, а Маџунков е во финална фаза на рехабилитација по повредата, додеа Арсов од приватни причини е ослободен.

Репрезентативците ќе поминат една недела во Крушево, по што од 13 мај се селат во Скопје каде што ќе се подготвуваат за настап на Европската лига 2026.

Македонија ќе одигра и пријателски натпревари против Црна Гора во период од 27 до 29 мај во Подгорица.

Првиот настап на Македонија на Европската лига е закажан за 5 јуни против Холандија во салата „Парк“ во Струмица, додека два дена подоцна ќе се соочи против Луксембург.

На вториот турнир одбојкарите ќе играат против Исланд во Атина на 13 јуни, а еден ден подоцна ќе се соочат против Грција.

Третиот турнир е закажан во Гњилане, Косово, каде што на 19 јуни Македонија игра против домаќинот, а еден ден подоцна ќе се судри со Израел.

Фото: Facebook/Одбојкарска федерација на Македонија