Скопје може да остане со само еден прволигаш - првпат во историјата
Тоа нема да биде прв таков случај бидејќи по десет клуба, Првата лига имаше и во периодот од 2014 до 2020 година. Сепак, она по што може да биде историска претстојната сезона е тоа што за првпат во овие 34 години, во оваа конкуренција може да остане само еден клуб од Скопје. До крајот на оваа натпреварувачка кампања остануваат уште три кола и како што сега стојат работите, односно ако нешто не се смени, дирeктно ќе испаднат три скопски клуба: Шкупи, Работнички и Македонија ЃП.
Секако дека уште ништо не е готово бидејќи ни Пелистер и Брера не се апсолутно сигурни, но засега се оди кон тоа, гореспомнатите три клуба да ја напуштат елитата. Од Втората лига, според сегашниот пласман, во Првата лига би се пласирала Брегалница иако се уште се во игра и Шкендија Арачиново и Скопје, два клуба од главниот град.
Ако се остане како досега и во Првата и во Втората лига, а во бараж натпреварите слават прволигашите, единствен скопски клуб во највисокиот ранг на македонскиот фудбал ќе остане Вардар. Такво нешто не е видено во овие три ипол децении и ќе биде преседан во домашното првенство. Не само што не е видено такво нешто, туку имало сезони кога половина од екипите биле од Скопје, како во сезоната 2013/14 кога шест од 12 учесници беа од главниот град.