Рекорд во Шпанија: Голман од 70 години ќе брани на официјален натпревар!

Анхел Матеос Гонзалес на чекор е да испише уникатна страница во шпанскиот фудбал. Со свои 70 години, овој поранешен рудар се подготвува да стане највозрасниот играч што настапил на официјален натпревар во Шпанија.

Во недела според најавите како голман на Колуња, треба да се најде меѓу стативите против Правиана во рамки на петтата лига.

Иако сезонава има улога на ментор и поддршка за помладите голмани, клубот одлучил да му укаже чест и да му даде можност да застане на голот. Од Колуња потенцираат дека не тоа не го прават со цел за некаква сензација и внимание, туку за признание кон него за тоа што го направил досега за клубот..

„Ова не е рекорд, ниту нешто необично. Ова е почит кон човек кој целиот живот го посветил на работа и фудбал. Не се работи за години, туку за вредности. Кој гледа само во бројките, не ја разбира суштината. Матеос не игра затоа што има 70 години, туку затоа што го заслужил тоа“, порачаа од клубот.

Самиот Гонзалес не е сигурен колку минути ќе добие на натпреварот.

„Тренирам оваа недела со екипата, но не знам дали ќе играм цел меч, едно полувреме или нешто помалку“, изјави тој.

Со носталгија се потсети и на почетоците од својата кариера, кога условите биле далеку поинакви.

„Се чувствувам сè уште подвижен и брз. Фудбалот тогаш беше речиси друг спорт. Терените беа калливи, а покрај голот држев кофа за да ја вадам водата кога судијата не гледа“, раскажува Гонзалес.

Сепак, и покрај ова достигнување, тој нема да биде најстариот фудбалер во историјата. Тој рекорд го држи Исак Хаим, кој во 2019 година, на 73-годишна возраст, настапи за израелскиот Ирони Ор Јехуда.