Ќе има фешта во „Билјанини извори“: Охрид со -1 се враќа од Цејле
Во првиот полуфинален натпревар, Охрид загуби со 26-27, резултат што најавува пеколен реванш на 2 мај во „Билјанини извори“ каде нашиот тим ќе брка историско финале во европските купови. Со помош на навивачите, Охрид ќе се обиде да стигне до можност за освојување европска титула што досега им успеа на Вардар и Алкалоид, како и Ѓорче Петров во женска конуренција.
Охрид одлично го почна денешниот натпревар, поведе со 5-0, а првиот гол го прими дури во десеттата минута. За жал, не го искористи тоа, Целје полека се врати во игра, а охриѓани нешто подоцна влегоа во голема криза која ги чинеше испуштање на водството и висока негатива. Почнувајќи од 17. минута, Охрид беше без гол повеќе од 12 минути, а кризниот период го заврши Ќосевски на седум секунди пред крајот на првото полувреме кое заврши со водство на Целје со 15-11.
Во вториот дел беше уште полошо, по само десетина минути игра, домаќинот поведе со 22-15 и се чинеше дека Охрид ќе доживее убедлив пораз. Сепак, со серија од 4-0, односно 6-1 се доближи на 21-23, а потоа успеа да асе одржи на таа негатива. Во 58. минута беше 26-25 за Целје, Миличевиќ потоа постигна гол за +2, но Ѓукиќ на четири секунди пред крајот постигна гол за еуфорија кај сите во македонскиот клуб.
Токму Ѓукиќ беше најефикасен во тимот на Охрид со пет гола, Стрмњан и Иванковиќ постигнаа по четири, а Лијапис три и тоа сите во клучни моменти, во второто полувреме кога нашиот тим бркаше негатива. Одличен беше и голманот Пилиповиќ кој оствари десет одбрани, голем дел од нив во финишот од натпреварот.