Македонија „гази“ на СП во Скопје: Трета победа во низа за двете наши селекции!

Македонските кадетски репрезентации во машка и женска конкуренција продолжуваат со одлични настапи на Светското првенство во училишен ракомет, кое се одржува во Скопје, откако и двете стигнаа до третата победа во низа.

Женската селекција на Македонија денеска убедливо ја совлада Словачка (29-13). Противникот парираше само во првото полувреме, но во вториот дел следуваше целосна доминација на избраничките на Даниела Новеска. Најефикасна беше Мифтари со седум гола, додека Лишкоска постигна пет. Девојките по ден за одмор, в недела ќе игра четвртфинале против победникот од дуелот меѓу Романија и Бразил.

Машкиот тим, пак, исто така дојде до трета победа по ред, откако ја совлада Република Српска (27-25). Избраниците на Горан Кузманоски имаа и пет гола предност, но противникот во финишот ја намали разликата. Во последното коло, Македонија ќе игра против Саудиска Арабија, а победа или реми значи освојување на првото место во групата и пласман во полуфинале.