РК Вардар се засили со египетски репрезентативец од Кил!

Екипата на Вардар се засили со ново име за следната сезона, откако денеска го промовираше египетскиот репрезентативец Мохаб Абделхак - млад ракометар кој пристигнува од редовите на германскиот гигант Кил.

Абделхак важи за еден од најперспективните ракометари од својата генерација. Роден е на 20 јануари 2003 година во Каиро, игра на позицијата десен бек и веќе е дел од сениорската репрезентација на Египет. Кариерата ја започна во Ал Ахли, по што се пресели во француски Ним, каде што дополнително го сврте вниманието кон себе. Добрите партии во Франција му донесоа трансфер во Кил, кој го ангажираше како значајна инвестиција за иднината.

„Овој трансфер во РК Вардар претставува огромен чекор напред во мојата кариера и горд сум што доаѓам во клуб со толку силна историја и амбиција. Возбуден сум што ќе ја развивам својата игра, што ќе се натпреварувам на повисоко ниво и што ќе го дадам максимумот за тимот. Моите очекувања се да напредувам секој ден и да придонесам за заеднички големи резултати“, изјави Абделхак.

Со доаѓањето на Египќанецот, „црвено-црните“ добиваат леворак играч со силен шут и модерни карактеристики за позицијата, но и играч кој веќе има искуство од настапи во силни европски шампионати.