Култниот дизајн на топката од Лигата на шампионите заминува во историјата!

Финалето на следното издание на Лигата на шампионите во 2027 година ќе биде последното што ќе се игра со топка со петокраки ѕвезди, пренесува британскиот „Гардијан“.

„Адидас“ од сезоната 2027/2028 ќе го загуби правото да ја дизајнира топката со која се игра елитното европско клупско натпреварување, а тоа право го презема „Најк“ во договор вреден 45 милиони долари годишно.

Од 2001 година „Адидас“ беше верен на својот препознатлив дизајн со ѕвезди, а се менуваа само боите и изгледот.  Пред 2001 година, снабдувач на топки за Лигата на шампионите беше „Најк“, но тогаш американската компанија не воспостави препознатлив дизајн како што тоа го направи „Адидас“.

Последниот натпревар што ќе се игра со „Адидас“ топка би требало да биде финалето на Лигата на шампионите на стадионот „Метрополитано“ на 5 јуни 2027 година. Засега не е познато каков дизајн ќе претстави „Најк“ за новиот период.