ГРК Охрид и официјално се засили со фантастичен Унгарец кој играл за ПСЖ и Кјелце!

Искусниот Доминик Мате и официјално е второто засилување на ГРК Охрид за следната сезона, соопшти клубот, потенцирајќи дека станува збор за едно од најзвучните имиња кое досега ставило потпис за охридскиот тим.

Станува збор за унгарски репрезентативец, кој денеска го слави својот 27. роденден. Тој е висок 202 сантиметри и настапува на позицијата десен бек, а во новата сезона ќе го носи дресот со број 23. Мате во Охрид доаѓа од Елверум Хандбол, актуелен лидер во норвешкото првенство и тим со забележителни настапи во европските натпреварувања. Во својата кариера настапувал и за европските гиганти ПСЖ и Киелце, како и за унгарскиот Балатон.

Од клубот посочуваат дека Мате е еден од носителите на играта и во унгарската репрезентација, со настапи на голем број светски и европски првенства.

„Од првиот разговор бев импресиониран од проектот и плановите за идниот период. Едвај чекам да ги запознаам фановите, се надевам дека ќе играм клучна улога во остварувањето на нашите цели, освојување на титула во лигата и што поголеми успеси во интернационалните натпреварувања“, изјави Мате.

Охриѓани вчера го промовираа првото засилување за наредната сезона и тоа хрватскиот голман Дино Славиќ.

ФОТО: EPA PHOTO