Чудесна партија на миленикот на Комити – одбрани пет пенали за едно полувреме (ВИДЕО)

Поранешниот голман на Вардар и европски првак со скопскиот тим во 2019 година, Дејан Милосављев, повторно покажа зошто важи за еден од најдобрите чувари на мрежата во Европа.

Српскиот ракометар, кој остави длабока трага во црвено-црниот дрес и беше дел од шампионската генерација на Вардар, блескаше во дресот на Фуксе Берлин во дербито од Бундеслига против Магдебург, кој неговиот тим, сепак, го загуби (33-35). Милосављев буквално „спушти ролетна“ на голот, откако успеа да одбрани неверојатни пет седмерци – и тоа само во првото полувреме! Потег кој ретко се гледа дури и на највисоко ниво.

Токму ваквите партии беа негов заштитен знак и во Скопје, каде што со своите интервенции често ја креваше салата на нозе и беше еден од омилените играчи меѓу навивачите. Со новото маестрално издание, популарниот Банда уште еднаш потсети на деновите кога беше еден од клучните херои во европската титула на Вардар – и потврди дека и денес е меѓу најдобрите во светот.