Силекс против расположениот Работнички сака да им се врати на победите!
Силекс веќе три натпревари по ред не знае за победа, кратовскиот тим денеска му гостува на Работнички и се надева дека дома ќе си замине со целиот плен.
„Не очекува натпревар со незгоден противник. На екипата на Работнички секој бод и е значаен во битката за опстанок, но време е Силекс да излезе од оваа мини криза и со победа да се врати од гостувањето во Скопје. Ние сме во некоја мала резултатска криза, три меча по ред не успеваме да постигнеме гол, дефинитивно имаме проблем со реализацијата, но мислам дека сето тоа ќе се поправи сега на овој меч со Работнички, и се надевам дека е време да почнеме да победуваме и да почнеме серија на триумфи во првенството. Атмосферата во екипата е одлична, и сите сме желни да дадеме се од себе и да дојдеме до победата“, рече капитенот на Силекс, Дарко Анѓелески.
Но, во вториот дел од сезоната Работнички игра во одлична форма, дебармаалци имаат три победи на последните четири натпревари и се надеваат дека и денеска ќе дојдат до бодови кои би биле многу значајни во борбата за опстанок.
„Би сакале да продолжиме во победнички стил. Ја пронајдовме формата што ја посакувавме и ќе сториме сѐ да освоиме бодови и на денешниот натпревар со Силекс. Респект за противникот, се работи за одличен тим, но нам бодовите ни се екстремно важни и ќе дадеме и повеќе од максимум за да стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Сухељ Мухарем, кој игра во одлична форма на последните неколку натпревари.
Во голема форма игра и Тиквеш кој победи на последните три натпревари. Во Кавадарци денеска пристигнува Брера, па кавадаречкиот тим се надева дека ќе врзе и четири триумфи по ред.
„Секако дека годи кога добрите резултати и игри се одразуваат на местото на табелата. Она што го планиравме и посакувавме се остварува. Тиквеш игра добро, освојува бодови кои што значат стабилен од во пролетниот дел од сезоната и најавуваат мирен финиш на истата. Денеска секако дека посакуваме уште еден поволен резултат, против квалитетната екипа на АП Брера. Домашните бодови секогаш се приорите“, велат од Кавадарци.
ПМФЛ 24. коло:
Петок
Работнички - Силекс
Тиквеш - Брера
Сабота
Арсими - Вардар
Македонија ЃП - Шкендија
Недела
Пелистер - Струга
Понеделник
Шкупи - Башкими
Табела: Вардар 58, Шкендија 55, Струга 50, Силекс 40, Тиквеш 33, Башкими 32, Брера 28, Арсими 26, Македонија ЃП 23, Пелистер 22, Работнички 19, Шкупи 1