Седлоски: За сите Данска е голем фаворит, ама и Италија беше па ја - изненадивме!

Новиот селектор на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, денеска го имаше првото обраќање кон јавоста по објавувањето на списокот фудбалери на кои ќе смета за претстојниот бараж за пласман на СП 2026 во кој во полуфиналето ќе ги одмериме силите против Данска и тоа на 26 март на теренот на противникот.

Тој смета дека Данците се фаворитит на хартија во претстојниот дуел, но потенцира дека во фудбалот често се случуваат изненадувања и дека неговиот тим ќе се обиде да приреди нов подвиг.

„Данска е фаворит на хартија, но во фудбалот има изненадувања, на теренот може сѐ да се случи. Ќе настојуваме да бидеме храбри и да одиграме машки“, порача Седлоски.

Селекторот нагласи дека противникот е сериозен тест и силен мотив за македонските фудбалери да покажат колку можат. Тој одлучил да не прави големи промени во играчкиот кадар, задржувајќи го јадрото на тимот кој го носеше товарот досега, а дополнително составот го освежил со неколку нови имиња и повратници. Меѓу дебитантите се Мусовски, кој настапува во САД и, според селекторот, имал одлични настапи во тамошната лига, како и Фетаи, стандарден првотимец на Шкендија. Повик доби и Херера, капитенот на Борац Бања Лука, кој игра во добра форма во својот клуб.

Седлоски истакна дека не се оптоварува со проблемите со повреди во данскиот табор и потсети дека скандинавската селекција има голем избор на квалитетни фудбалери.

„Знам дека Данска има проблеми со повреди, но тоа не нѐ интересира. Тие имаат голем ростер и секогаш можат да состават силен тим“, нагласи селекторот.

Македонските репрезентативци пред собирот имаат уште по еден натпревар со своите клубови, по што Седлоски ќе го финализира составот за мечот. Иако веќе има идеја за стартната постава, конечната одлука ќе ја донесе по тренинзите.

„Повратниците како Николов, Дориев и Бејтулаи играат константно и решив да ги повикам повторно. На десната страна имаме проблем и поради тоа се врати Бејтулаи. За овие два натпревари го одбрав овој состав. Во контакт сум со сите играчи, Муслиу ќе дојде здрав по повредата. Тука е и Алиоски кој има проблеми, па тие ми се со прашалник. Костурот е тој, квалификациите ги одиграа во главно овие играчи. Атмосферата сакам да остане иста, овие играчи се познаваат и сакам со мало освежување да бидеме уште подобри. Сите што се на списокот може да настапат, а сите треба да знаат за кој играат и колку тежи овој дрес. Имаме само три дена за работа со играчите. Ќе се обидеме да внесеме нешто ново, но најважно е да бидеме компактни како тим, да играме еден за друг и да не се плашиме“, истакна тој.

Селекторот верува дека атмосферата во Данска нема да биде проблем за македонските фудбалери, бидејќи повеќето од нив веќе имаат искуство со настапи на големи стадиони и во жешка атмосфера.Тој за крај потсети на историското изненадување против Италија во Палермо (1-0) и изрази надеж дека неговите избраници можат повторно да приредат сличен подвиг.

„Данска ја фаворизираат исто како што тогаш ја фаворизираа Италија. Дај Боже пак да направиме изненадување“, порача македонскиот селектор.