ФИФА ќе има главоболки: Еден мундијалски бараж може да биде одложен

Селекторот на фудбалската репрезентација на Ирак, Греам Арнолд, побарал од ФИФА одложување на интерконтиненталните квалификациски натпревари за Светското првенство.

Имено во Ирак се загрижена дека нема да може навреме да ги донесе играчите и стручниот штаб во Мексико, бидејќи воздушниот простор над нивното небо е затворен од 28 февруари поради конфликтите на Блискиот Исток, пишува британскиот „Гардијан“.

Британскиот медиум минатата недела објави дека баражот против Боливија или Суринам, кој треба да се одигра на 31 март во Монтереј, е под сериозен знак прашалник. Причината е што Министерство за транспорт на Ирак ја информирало федерацијата дека воздушниот простор на земјата ќе остане затворен за време на целиот конфликт.

Околу половина од репрезентативците на Иран се наоѓаат во Багдад и не може да патува, додека селекторот Греам Арнолд е заглавен во Дубаи.

Шеесет и двегодишниот Арнолд, кој ја презеде функцијата селектор во мај минатата година, изјави дека повикувањето само на фудбалери кои играат во странство значително би ги намалило шансите на Ирак да се пласира на Светското првенство.

„Тоа не би бил нашиот најсилен тим, а за најважниот натпревар во последните 40 години ни се потребни сите најдобри играчи. Факт е дека не сме се пласирале на Светско првенство четири децении и токму тоа беше главната причина поради која ја прифатив оваа работа. Но, во овој момент, со затворени аеродроми, навистина се обидуваме да најдеме алтернативни решенија“, изјави Арнолд.

Ако Ирак излезе како победник во плеј-офот на Мундијалот би играл во група со: Франција, Сенегал и Норвешка.

Фото: EPA