МЗТ со убедлив триумф над Пелистер го прослави 60. роденден на клубот (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје достојно ја прославија 60-годишнината од формирањето на клубот од Аеродром, откако на домашен терен го прегазија Пелистер со убедливи 87-73.

Неизвесна беше само првата четвртина, во која екипите во неколку наврати се менуваа во водство и која битолчани ја добија со 19-18. Тоа како да ги налути домашните играчи, кои вториот период го почнаа со серија 11-2 за првото поопипливо водство (29-21). Зелено-белите, сепак, не се предаваа, барем не во овој дел од мечот, па со серија 20-5 направија комплетен пресврт и дојдоа до највисоки плус седум (51-44). Последно добро за гостите беше изедначувањето 60-60 пред крајот на третите десет минути, по што „металците“ уфрлија во петта брзина.

Аеродромци во последната четвртина со серија 13-3 дојдоа до двоцифрено водство (62-53), кое набрзо потоа дојде до највисоки плус 15 (84-69), за осигурување на важните бодови во битката за првото место на табелата. Илајџа Мекејден со 23 поени, 9 скока и 6 асистенции беше најзабележителен кај МЗТ, каде што Мек Смит постигна 16 поени со 4 скока, Чарлс Гил 15 поени со 5 скока, а Марин Петков со 13 поени.

Сино-белите со ова дојдоа до скор 16-1, колку што има и лидерот ТФТ, додека Пелистер останува трет со 12-5. Натпреварот мина во славеничка атмосфера, во која популарните „Фемили“ имаа специјална роденденска кореографија, додека на полувремето присутните можеа да поздрават дел од легендите на МЗТ Скопје кои дојдоа да го проследат мечот.