Во Доха фрчат проектили, а УЕФА инсистира таму да се игра Финалисима
„Во моментов не се разгледуваат алтернативни места. Конечната одлука се очекува до крајот на идната недела“, соопшти УЕФА за натпреварот закажан за 27 март меѓу актуелните шампиони на Европа и Јужна Америка.
Аргентина и Шпанија треба да играат на стадионот Лусаил, местото на епското финале на Светското првенство во 2022 година во кое Аргентина ја победи Франција на пенали.
„Разговорите се во тек со локалните организатори кои вложија огромен напор за да ја обезбедат организацијата на натпреварот“, соопшти УЕФА.
Доколку Доха се покаже како преголем безбедносен ризик, натпреварот би можел да се премести во Шпанија или на друго место во Европа, каде што играат речиси сите играчи од двата тима. Според Ројтерс, Лондон е фаворит за домаќин на натпреварот, иако шпанските медиуми објавија дека Рим и Милано исто така биле опции. Стадионот Вембли беше домаќин на претходното издание во 2022 година, но натпреварот на Англија против Уругвај треба да се одржи таму на истиот датум, 27 март. Сепак, Лондон има други стадиони кои можат да го организираат натпреварот.
Иако Шпанија е заинтересирана да се соочи со Аргентина, изворите велат дека нивен приоритет е да не го пропуштат последниот меѓународен прозорец пред Светското првенство. Тие размислуваат за алтернативни противници, бидејќи треба да играат и против Египет три дена подоцна.
Првиот натпревар од Финалисима се одигра на Вембли во јуни 2022 година, кога Аргентина ја победи Италија со 3-0.