Потег за респект: Ашковски доби ВИП третман од МВР на скопскиот аеродром!

Враќањето на фудбалскиот репрезентативец, Стефан Ашковски, од веќе разрушениот Иран, вечерва го привлече вниманието на спортската јавност кај нас, со оглед на голготата низ која тој мина и големата среќа што успеал да си замине без, не дај боже, да го загуби својот живот.

Тој по неколкудневното патешествие од Рафсајан каде што играл, преку Техеран до Истанбул вечерва пристигна во Скопје, каде што веднаш беше топло пречекан од властите, кои му овозможија брз влез во државата за топла завршница на стравичната голгота. Тој веднаш доби ВИП третман од претставниците на МВР, експресно ги мина граничните формалности на посебен шалтер отворен само за него и неговиот спасител, Јасир Асани, поранешно дете на Вардар, кој и тоа како му помогнал (прочитај ТУКА).

„Дури сега тотално ми олесна, кога стапнав на македонско тло. Се уште сум во шок од сите случувања, можам книга да направам за тоа низ што минав во последните 72 часа. Среќен сум што жив стигнав во Скопје, благодарност до сите за помошта, еве и за луѓето на скопскиот аеродром, кои топло ме пречекаа. Сега само сакам да се одморам“, беа последните зборови кои ни го кажа Ашковски на дружбата што ја имавме за време на летот од Истанбул.

Тој, меѓу другото, ни кажа дека не жали што заминал да игра во Иран, каде што било многу подобро од што сите мислат, но за жал војната сето тоа го прекинало.