Српски фудбалер за голготата во Иран: Летаа ракети, авиони, се слушаа експлозии

Животот на Блискиот Исток драстично се промени по почетокот на воените пресметки меѓу САД, Израел и Иран, но и останатите земји во регионот, при што голем број лица се наоѓаат во непријатна ситуација, а меѓу нив е и српскиот фудбалер Немања Томашевиќ.

Томашевиќ, кој игра за Гол Гохар од Техеран, во интервју за „Спортисимо“ откри детали од голготата низ која морале да поминат.

„До четвртокот сè беше нормално. Игравме натпревари, по што се вративме во Техеран. Во саботата почна пеколот. Нè разбудија ракети, детонации, бевме загрижени. Персеполис организира евакуација затоа што имаат многу странци во екипата. Тој ми обезбеди место да избегам од пеколот“, раскажува тој.

Србинот открива дека патувале 12-13 часови до границата со Турција, при што се соочиле со проблеми.

„Летаа ракети, авиони, се слушаа експлозии, вистински пекол. Сега сум во Турција, чекам лет за Истанбул, а потоа си одам дома. За среќа не сум во Иран“, вели тој.