Историја: Русите и Белорусите ќе настапуваат под свои знамиња на Игрите во Кортина!

Интернационалниот параолимписки комитет (ИПК) реши да им овозможи на спортистите од Русија и Белорусија настап со сопствени државни обележја на Зимските параолимписки игри 2026 во Милано и Кортина.

На Русија ѝ се доделени шест места, додека Белорусија доби четири места за настап. Параолимпијците од двете земји ќе имаат ист статус како и сите други учесници – ќе настапуваат под своите национални знамиња, во боите на репрезентациите и со интонирање на државните химни на церемониите, вклучително и на свеченото отворање на Игрите. До ваков епилог дојде по гласањето на членките на ИОК во септември, кога беше поддржан целосното враќање на Русија и Белорусија во параолимписките натпреварувања, како и по одлуката на Судот за спортска арбитража (ЦАС), кој ја потврди валидноста на таа одлука, и покрај противењето на Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

Русија ќе има по двајца претставници во параолимпиското алпско скијање, скијачкото трчање и сноубордингот, додека Белорусија сите четири места ќе ги искористи во дисциплината скијачко трчање. Рускиот параолимписки комитет веќе потврди дека во алпското скијање ќе настапат трикратниот параолимписки шампион Алексеј Бугаев и двократната светска шампионка Варвара Ворончихина.

Одлуката на ИПК се толкува како можен вовед во поширока реинтеграција на Русија и Белорусија во меѓународниот спорт, во пресрет на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.