Шошкиќ „кинеше мрежички“ во уште една голема победа за Стони Брук!
Македонецот на паркетот помина дури 37 минути и одигра фантастично со 14 поени, два скока, две асистенции и три украдени топки. Дополнително, се истакна со неколку атрактивни соло-продори и шутеви од голема далечина, со кои ја крена публиката на нозе. Ова беше седма победа во последните девет натпревари за Стони Брук, а македонскиот плејмејкер имаше двоцифрен учинок на осум од тие девет меча. Со тоа, Шошкиќ се доближи до двоцифрен просек и моментално има 9,7 поени по натпревар.
Популарниот „Сивулфс“ со триумфот над Дрексел се искачија на четвртото место на табелата во својата конференција. Пред овој дуел, двата тима имаа идентичен биланс од 7-6, а победата им овозможи на кошаркарите на Стони Брук да останат во трката дури и за третата позиција. До крајот на регуларниот дел од сезоната во НЦАА остануваат уште четири кола, по што следува плејофот и познатото „мартовско лудило“, каде што добрата форма на Шошкиќ би можела да биде клучен фактор.