Флик бесен по поразот: Судиите беа ужасни – исто како и моите фудбалери!

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изрази огромно незадоволство од судењето во синоќешниот пораз од Жирона , тврдејќи дека неговиот тим бил оштетен, но истовремено призна дека ривалот заслужено ги освоил трите бода.

Иако одби директно да ги критикува арбитрите, германскиот стратег смета дека при победничкиот гол на Жирона бил направен прекршок врз Жил Кунде, што според него ВАР морал да го санкционира.

„Сите видоа што се случи при вториот гол. Но, нема да зборувам за судиите. Ние бевме многу лоши, особено во одбраната. Жирона ја заслужи победата“, изјави разочарано Флик.

Тој се осврна и на ВАР-ситуацијата, без да го крие неверувањето:

„Зошто ВАР не интервенираше? Не знам, навистина не знам. За мене тоа беше чист прекршок. Работата е јасна, но тоа не смее да биде алиби за нашата игра“, дополни тој.

Флик призна дека Барселона се наоѓа во сериозна формациска и резултатска криза, па токму затоа донел изненадувачка одлука – два дена одмор за играчите.

„Им дадов два дена слободно. Ни треба пауза, мора да се ресетираме. Во последно време играме ужасно“, искрен е Германецот.

Сепак, на крајот не издржа и испрати директна порака кон арбитрите,

„Судиите беа на исто ниво како и мојот тим – ужасни“, удри Флик.

Стратегот откри и дека главниот судија Цезар Сото Градо не му дал конкретно објаснување за спорната ситуација.

„Само ми рече дека не е фаул. Тоа е сè“, објасни предводникот на Барса.

Добра вест за Барселона е што недела се очекува враќање на Гави, Педри и Маркус Рашфорд, кои сериозно недостасуваа на гостувањето во Жирона. Каталонците по овој пораз паднаа на второто место во Ла Лига, а лидер е Реал Мадрид, кој има два бода повеќе.

ФОТО: EPA PHOTO