Куманово заслужи секоја година да ја организира куп-завршницата – ама со греење!

Куманово изминатиов викенд беше епицентарот на македонската кошарка поради завршницата од Купот на која настапија осумте најдобри екипи и која завршни со убедлив триумф на МЗТ Скопје, кој противниците во трите фази (Работнички, Кожув, Куманово) ги победи со просечни 25 поени разлика.

По подолго време, финалето се одигра пред преполни трибини, во сала каде што буквално немаше игла каде да падне и каде што на речиси секое столче седеа по двајца. Причина за тоа секако беше настапот на домашниот тим во битката за трофејот, како потврда на желбата на кумановци за квалитетен спорт. Секој натпревар на Куманово беше вистински спектакл, што и тоа како му е потребно на макбаскетот, кој изминативе години драматично оди во надолна линија. Организацијата беше одлична, инциденти немаше и со мали не толку значајни исклучоци домаќинот заслужи чиста десетка за викендов со кошарка.

„КФМ му се заблагодарува на МКК Куманово за беспрекорната организација на завршниот турнир од Купот на Македонија, пред се на професионалноста на клубот, како ина достоинственото и спортско навивање на публиката и навивачката група „Кумани“. Купот по подолг период повторно е реализиран на високо спортско и организациско ниво“, напишаа од Куќата на кошарката.

Сето ова ќе беше речиси идеално да не беше најголемиот проблем – студот во салата. Греење речиси да немаше и на натпреварите на кои немаше многу публика беше предизвик да се издржат арктичките температури во кумановската арена. Имало идеја за загревање со тајфуни, но тоа отпаднало поради стравот дека би се појавила голема кондензација, а со тоа и лизгање на паркетот, нешто што веќе одложи два натпревари на Куманово во Суперлигата.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во најавата на завршницата посака неговиот град секоја година да биде домаќин на најдобрите во Купот на Македонија. Со оглед на случувањата, тоа е идеја за поздравување и за сериозно разгледување со една главна напомена – греење мора да има. Без тоа, кумановци не смеат во иднина да биде во конкуренција без разлика на спектаклот што го направија и стандардите кои ги поставија изминатиов викенд.